Семејна куќа во Тетово- лабораторија за дрога
Разбиена најголема лабораторија за производство на синтетичка дрога во Југоисточна Европа. Таа била сместена во куќа во Тетово. Акцијата е резултат на заедничка прекугранична соработка меѓу обвинителствата и полициите на Македонија и на Србија. Само во Тетово биле пронајдени 300 килограми екстази...

Во семејна куќа во Тетово откриена најголема лабораторија во Југоисточна Европа за производство на синтетички дроги. Во заедничката акција на МВР, истражен тим од Србија, со поддршка на американската ДЕА, заплениле 125 килограми односно 500.000 таблети екстази, вредни над 2,5 милиона евра, како и суровини за производство. Дрогата требала да стигне на турскиот пазар. За недозволена трговија, производство и продажба на дрога се уапсени шест лица, државјани на македонија и на Србија.
„Извршени се претреси на две локации во Тетово и пет локации во Скопје. Лабораторијата е пронајдена во Тетово. Откриена е досега најголемата количина синтетичка дрога на просторот на Балканот, а доколку се потврдат првичните проценки ќе биде и една од најголемите заплени во меѓународни рамки“, рече министерот Спасовски.
Акцијата траела една година, а меѓу уапсените е и Милан Зарубица, еден од најголемите производители на синтетички дроги, информираат од српското МВР. Полицијата внимателно ги следела и неговите соработници како и транспортот на опремата за производство на дрогата од Србија до Македонија и обратно.
Според информациите на српското МВР, ова е нова синтетичка дрога која била користена и од борците на ИСИС. Активностите во рамките на операцијата продолжуваат и во наредните денови, најави Спасовски.
Министерствата на Македонија и на Србија се согласни дека ова е најуспешната акција на двете земји за откривање на огромно количество дрога.
Викторија Милевска
