Македонско вино и во Кина и Индија
19.02.2014 10:58
Домашното вино може да одговори на пребирливиот вкус на странците, но прво мора да го пробаат. Затоа, саемите, различните публикации се начините каде што може да се направат бизнис контактите...

Со меѓународна промоција до меѓународните пазари. Винариите сметаат дека потребно е претставување на македонското вино надвор од државата, за привлекување на странските потрошувачи. Домашното вино може да одговори на пребирливиот вкус на странците, но прво мора да го пробаат. Затоа, саемите, различните публикации се начините каде што може да се направат бизнис контактите.
„Освојувањето на овие пазари е проследено со многу напори и многу презентации на макеоднското вино, односно доближување на овој производ до нашите потенцијални конзументи“, вели Делчо Балтовски, сопственик на винарницата „Далвина“.
Земјите од Европската унија остануваат традиционалниот пазар кој го троши македонското вино. Во последно време, во плодовите на домашното виногорје уживаат и граѓаните од источна Азија, но винскиот пат од Македонија води и до Индија.
„Во последните неколку години со помош на Министерството за земјоделство учествуваме на меѓународни саеми, како што се саемите во Русија, во Кина, во Германија“, додава Балтовски.
Со цел за промоција на македонското вино во печат излезе и книгата со наслов „Вина од Македонија - краток водич за македонските вина и винарници“, напишана на англиски јазик и е наменета за странските трговци и компании што се потенцијални купувачи на македонското вино. Извадавч на публикацијата е министерството за земјоделство.
Катерина Давчева
