Нетанјаху бара ЕУ да го следи примерот на САД
Израелскиот премиер Нетанјаху во брисел бара поддршка за статусот на Ерусалим. Очекува блокот, а и Палестина, да го следат примерот на Вашингтон. Унијата инсистира на дводржавно решение со Ерусалим како престолнина на двете страни...

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини ја поздрави историската посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е првиот челник на владата на единствената еврејска земја во светот, кој дошол во Европската унија во последните 22 години. По Соединетите Американски Држави, Нетанјаху очекува и европскиот блок да го признае Ерусалим за изралеска престолнина.
„Израелските разузнавачи спречија десетици терористички напади, вклучувајќи и многу на европски терен така што безброј животи беа спасени. Претседателот Трамп само ги стави на маса фактите. Сега се прави нов обид за мировен договор од страна на американската администрација. Затоа, ве молам, признајте ја еврејската држава. Време е Палестинците да ја признаат и да го признаат главниот град кој се вика Ерусалим. Верувам дека повеќето европски земји ќе ги преместат амбасадите таму“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Могерини не отстапува од ставот да се следи меѓународниот консензус за ова прашање.
„За нас единственото реално решение за конфликтот меѓу Израел и Палестина е дводржавното, со Ерусалим за главен град на двете страни. Најстрого ги осудувам нападите врз еврејскиот народ во светот, вклучувајќи ја и Европа. Зголемените тензии и насилството го распламтуваат регионот и се подарок за екстремистите, и сите оние кои не сакаат глобален мир, безбедност, и соживот“, рече шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
Претходно, во Париз, Нетанјаху се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон којшто побара да се запре изградбата на населбите и да се реактивира комуникацијата со палестинските власти.
Битката за Ерусалим трае со децении. Израел тврди дека е нивен главен град, а Палестинците не се откажуваат од Источен Ерусалим како престолнина за нивната идна држава. Израелскиот суверенитет над Ерусалим никогаш не доби меѓународно признание, така што повеќето земји ги стационираа своите амбасади во Тел Авив. Во Ерусалим се стационирани и клучните верски објекти на јудеизмот, исламот и христијанството, сообено во источниот дел.
Маја Филдишев
