Џонсон Контролс го заживеа македонскиот Манчестер

19.02.2014 17:53

Џонсон Контролс го врати животот во најголемиот текстилен центар во земјава. Во новата фабрика во која инвестираше 20 милиони евра, веќе се вработени над 1.000 луѓе, а до крајот на годинава бројот на вработени ќе се искачи на околу 1.500. Невработеноста во Штип се намалува, се врати сјајот на градот.

Македонската телевизија дојде во Штип, во центарот на текстилната индустрија на земјава, или како што популарно го нарекуваат градот, македонскиот Манчестер. Сакавме да провериме каков е животот во Штип откако Џонсон Контролс се позиционираше во градот, отвори фабрика за производство на навлаки за седишта во која ќе бидат вработени околу 1.500 луѓе.

Џонсон Контролс го врати животот во Штип. Кафулињата се преполни, се подигна животниот стандард, се намали невработеноста. Во компанијата се ангажирани над 1.000 работници, а заинтересирани кандидати постојано се јавуваат на отворените огласи за вработување.

„Таму секојдневно се вработуваат нови луѓе...Целокупната женска работна сила од Штип е ангажирана, а работници и од другите градови доаѓаат во Штип...Кога ќе дипломирам би сакала да работам во Џонсон Контролс...Ова е можност за младите да се реализираат по завршување на образованието...Се бараат млади работници, од 25 до 30 години...Ова е можност за младите да се вработат...Има вработени, се работи во повеќе смени“, велат штипјани.

Фабриката на Џонсон Контролс се наоѓа на одлична локација, во атрактивната  слободна економска зона во Штип. Оваа зона ги има сите предуслови да прерасне во вистински бизнис – центар, каде ќе бидат ангажирани голем број работници. Нејзината атрактивност дополнително ќе се зајакне со изградбата на новиот автопат, но и на предвидениот карго аеродром.

„Од ден на ден има сè поголем интерес од странски компании да инвестираат во Штип, а една од причините за тоа е добрата инфраструктура и организираност на ТИРЗ-от.  Очекуваме уште повеќе компании да се позиционираат во зоната. Својата намера да инвестира овде веќе јавно ја обелодени хрватската Кумал, со неколку други компании сме во преговори и комуникации и се надевам дека и тие набрзо ќе објават информација за своите инвестиции во ТИРЗ – Штип“, изјави Славјанка Стојановска, раководител на ТИРЗ –Штип.

Славјанка ни ги покажа слободните плацеви во оваа зона. Фактот што тука е лоцирана фабрика на Џонсон Контролс претставува дополнителен адут и сигнал за другите потенцијални инвеститори.

Засега фабриката на Џонсон Контролс е единствената во оваа зона, но како да стана практика Џонсон Контролс да биде предвесник на она што ќе се случува во зоните. По неуспешните преговори со Тајванците и со Велшаните од Глендор Естејт, Џонсон Контолс влезе во Бунарџик и го најави инвестицискиот бум. Пред една година Џонсон Контролс се позиционираше во Штип, за потоа да стигне и најавата дека истиот чекор ќе го направи и хрватската Кумал, која овде ќе инвестира уште 7 милиони евра и ќе отвори 100 нови работни места.

Но бизнисот во Штип се развива и надвор од зоната. Во непосредна близина се гради и фабриката на Актива за автобуски каросерии кои ќе се пласираат на европскиот пазар, во која ќе бидат вработени 500 луѓе. Од Општината велат дека прават сè што е во нивна моќ да ги подобрат условите за водење бизнис и да му ги одврзат рацете на стопанството да креира нови работни места.  

„Штип ќе стане многу интересен. Многу луѓе од другите градови ќе доаѓаат да живеат во Штип, тоа ќе повлече изградба на станови, заживување на другите сегменти од живеењето во нашиот град, и ќе се реализира она што го реков, дека во наредните 4 години сите патишта ќе водат кон Штип. Ние дадовме ветување дека ќе мислиме на егзистенцијата на луѓето и тоа го остваруваме. Само со овие три инвестиции ќе се отворат 2000 работни места“, објаснува градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Џонсон Контролс е глобална компанија со седиште во Милвоки, во која работат повеќе од 160 илјади луѓе. Во Бунарџик е присутна од 2007-та, а неколку години подоцна влезе и во Штип. Се отворањето на новата фабрика, Штип прерасна во центар околу кој гравитираат околните градови: Кочани, Пробиштип, Свети Николе, Виница.  

Мартин Пушевски