Заев ја поздрави одлуката на членовите на ДИК за враќање на бонусите и за оставките

11.12.2017 15:51

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски и членовите на ДИК, Дума и Милев поднесоа оставки од функциите. Ваквиот потег доаѓа откако во јавноста беше обледонето дека дека земале високи надоместоци за последните изборни циклуси. Премиерот Заев вели дека е со потегот покажале морално однесување...

Претседателот на Државната изборна комисијата Александар Чичаковски и членовите од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев поднеле оставки. Барањето за предвремен престанок на функцијата го доставиле до собраниската архива. Првиот човек на изборното тело за МИА изјавил дека оставката ја поднел од личен чин. Премиерот Заев вели дека со ова е испратена порака за морално и етичко однесување.

„Го поздравувам чинот што го поднесоа сите, а тоа е враќање на парите назад во Буџетот, а истовремено поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно заради критиките на јавноста. Се работи за професионалци за коишто јас ќе водам грижа и понатаму, но истовремено, испратија сериозна порака на морално и етичко однесување кога јавноста знае да реагира, веројатно заради нетранспарентноста на одлуката којашто ја донесоја и поради тоа што претходно не ја информираа јавноста“, изјави премиерот Зоран Заев.

Потегот доаѓа по прозивката на американскиот амбасадор, Џес Бејли дека членовите на Државната изборна комисија си поделиле надоместоци за последните неколку изборни циклуси, а за тоа не ја известиле јавноста.

Членовите на ДИК на седница донесоа одлука парите да ги донираат или да ги вратат. Мандатот на овој состав на ДИК почна во 2015-та година, а истекува во 2020-та.

За разрешување на член на ДИК, треба да гласаат две третини од пратениците во Собранието.

Наташа Гркова- Петрушевска