Нимиц на средби со преговарачите за името

11.12.2017 16:00

Медијаторот Метју Нимиц на средба со преговарачите од Македонија и од Грција во Брисел. Новата рунда, како дел од напорите на Обединетите нации за изнаоѓање прифатливо решение за името, доаѓа по тригодишна пауза. По одделните разговори, утре се очекува заедничка средба...

Посредникот на ОН за разликата за името, Метју Нимиц во Брисел ја почна новата рунда разговори со одвоени средби со претставниците на Грција и на Македонија, Адамантиос Василакис и Васко Наумовски. Од Обединетите нации за јавниот сервис велат дека станува збор за нов обид за приближување на позициите.

„Господинот Нимиц, личниот пратеник на Генералниот секретар, се состанува со претставниците на Грција и на ПЈР Македонија, во Брисел, Белгија, денеска и утре, односно понеделник и вторник. Состанокот е дел од напорите на ОН за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за името. Ќе оцениме по средбите, и ако има потреба можеби ќе излеземе и со изјава за разговорите по нивното завршување. Тешко е да се каже кога ќе биде следната средба. Го препуштаме тоа на посредникот“, изјави Фархан Хаг, заменик- портпарол на Генералниот секретар на ОН.

Информациите од Обединетите нации се дека Нимиц не излегол со нов предлог, туку разговарал за динамиката и форматот на идните рунди разговори, за што побрзо да се изнајде решение за името.

Посредникот ги слушнал ставовите на двете страни, по што вообичаено дава можност претставниците Василакис и Наумовски да ги информираат министерствата за надворешни работи во Атина и во Скопје.

Нимиц изразил оптимизам од новата клима за решавање на спорот и смета дека сега е добро време за да се најде решение за Македонија да се доближи до остварување на членството во НАТО и во ЕУ.

Најавите се дека утре Нимиц ќе има заедничка средба со преговарачите, по која се очекува да се договори идната рунда разговори.

 

Ирина Гелевска