Повеќе еколошки здруженија побараа да се зголеми буџетот за животна средина

11.12.2017 16:25

Повеќе еко-здруженија побараа да се зголеми буџетот за животна средина за идната година и да запре изградбата на нови рудници. Според нив, иако во предизборната програма Владата ветувала почист воздух, со предложениот буџет, не може да се постигне тоа. Доколку не им се исполнат барањата најавија протест, а правда, велат ќе бараат и пред Меѓународниот суд.

Еколошките здруженијата во земјава побараа да се зголеми буџетот за заштита на животната средина за идната година од 0,4 проценти колку што е планиран, на најмалку 2,5 насто. Според нив, предвидениот буџет не ја отсликува сериозноста на ситуацијата и покажува недоволна посветеност на Владата кон решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот.

„Владата пред да дојде на власт ветуваше дека приоритет ќе биде здравата животна средина и чистиот воздух и сега на нив е ред да кажат дали навистина тоа го мислат затоа што ваков буџет не се дава таква слика“, изјави Татјана Чакулева, О2 коалиција за чист воздух.

Доколку не се исполнат нивните барања најавуваат порадикални протести, а не се исклучува можноста правдата да ја бараат пред Меѓународниот суд.

„Доколку во оваа елементарна непогода оној кој што е најповикан не преземе ништо, на нас не ни останува ништо повеќе освен по вечерашната средба кај премиерот Зоран Заев да преминеме на оној последен институционален чекор, а тоа се вика тропање на вратите на Меѓународниот суд“, изајви Душко Груевски, Еколошко здружение од Битола.

Еколошките здруженија потсетуваат дека Македонија има жешки точки кои го загрозуваат здравјето на луѓето. Ги споменаа контаминираната почва во Пробиштип, линданот закопан сред Скопје, радиоактивниот отпад во Битола. Дополнително се исплашени од претворањето на половина Македонија во рударска земја.

„На сето ова што треба да се решава некој одлучил да ни донесе уште и рудници на смртта. Ние како граѓани не сакаме да бидеме вознемирени, не сакаме да живееме исплашени, сакаме да се будиме спокојни и мирни да развиваме земјоделие, туризам, лесна индустрија тоа што Господ ни го дал“, вели Анѓел Наков, Еколошко здружение „Спас за нас“- Гевгелија.

Претставниците од еколошките здруженија ќе ги достават барањата до Владата.

 

Андријана Атанасовска