Во прекин железничкиот товарен сообраќај

11.12.2017 17:10

Од МЖ Транспорт велат дека група вработени од машинскиот и од извршниот персонал решиле да штрајкуваат...

Товарниот железнички сообраќај е во целосен прекин, патничкиот ќе се одвива до крајот на денот- информира МЖ Транспорт. Оттаму велат дека група вработени од машинскиот и од извршниот персонал решиле да штрајкуваат.

Со оглед на тоа дека во текот на денот кон оваа група се приклучи и друга група од машинскиот и извршен персонал, МЖ Транспорт АД Скопје ја известува јавноста дека железничкиот товарен сообраќај е во целосен прекин од 07:30 часот утринава, а железничкиот патнички сообраќај од станица Скопје Патничка ќе се одвива само до крајот на денешниот ден, т.е. до 24:00 часот. Сите возови кои во текот на денешниот ден ќе тргнат од станица Скопје Патничка, ќе бидат вратени во текот на утрешниот ден, согласно важечкиот возен ред. За секоја промена на ситуацијата, благовремено ќе ја известиме јавноста, се вели во соопштението од МЖ Транспорт ад Скопје.

Претставници на машинскиот персонал велат дека причина за прекинот е неисплатениот втор дел од платата за октомври. Од менаџментот на компанијата велат дека работат на што поскоро нормализирање на ситуацијата.