Снежно невреме низ Европа, затворени повеќе аеродроми

12.12.2017 10:22

Снежно невреме ја зафати северозападна Eвропа. Повеќе европски аеродроми се затворени поради снежните навеви. Блокирани се и патниот и железничкиот сообраќај. Илјадници домаќинства во Белгија, Германија и Франција останаа без електрична енергија поради силниот ветер...

Снежните наноси низ поголемиот дел од Европа предизвикаа проблеми во сообраќајот во неколку земји. Во белгиската престолнина е затворен аеродромот „Завентем“. Граѓаните се револтирани бидејќи им се нарушува секојдневната рутина и обврските не ги завршуваат навреме.

Катастрофа! Времево е лошо. Заглавени сме, а на работа требаше да сум во 10 часот. Сега е 10 и пол, и уште сме блокирани.

Точно е дека ќе беше полесно да возам во тунелот, но ќе беше проблем да излезам. Мора да сме трпеливи.

Денеска паднав два пати и за малку ќе ме удреше автомобил на пешачкиот премин додека одев на работа. 5 сантиметри снег не е големо количество, но ги нервира сите.

Во 32 области во Франција, е прогласена вонредна состојба, а поради врнежите на снег над десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Снежната бура предизвика хаос и во северниот дел на Италија.  Во Германија се запрени летовите на неколку аеродроми.

Со проблеми во сообраќајот се соочуваат и Холанѓаните. Поради ниските температури, снежните наноси и голомразицата на патиштата, е издадено предупредување за „екстремна опасност“. Властите ги советуваат граѓаните да не го користат ни железничкиот сообраќај доколку не е неопходно.

Ме пратија на неколку места. На перон 18, па на 21, па потоа на 12. Не е во ред. Кога влеговме сите, возот воопшто не тргна. Па пак ни рекоа да излеземе.

Слична е состојбата и во Обединетото Кралство каде што поради снежните врнежи се затворени и училиштата во одредени региони.

Маја Филдишев