Над 50 светски лидери на самитот за климатски промени во Париз

12.12.2017 12:33

Над 50 светски лидери денеска во Париз на самит за климатските промени. Се очекуваат проекти вредни милијарди долари кои ќе помогнат во борбата против емисиите на штетни гасови. Американскиот претседател Трамп не е поканет на самитот...

Повеќе од 50 светски лидери денеска во Париз одржуваат самит за кој францускиот претседател Емануел Макрон се надева дека ќе донесе нов поттик во борбата против глобалното загревање. Самитот се одржува по повод втората годишнина од усвојувањето на Парискиот договор во борбата против климатските промени, а се очекува учесниците да објават проекти вредни милијарди долари, за да им помогнат на сиромашните земји и на индустријата да се намалат емисиите на штетни гасови.

Макрон на средбата не го покани американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно го отфрли априскиот договор.

„Повлекувањето на САД од договорот во Париз за мене е грешка, тоа повлекува импулс кој вели: мора да реагираме и да сториме нешто, бидејќи не смее да се случи раскинување на тој договор. Второ, ова е повик за будење на приватните сектори. Ако решиме да не дејствуваме и да не го промениме начинот на кој создаваме, инвестираме и се однесуваме, ќе бидеме одговорни за милијарди жртви“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Меѓу јавните личности што присуствуваат на ова случување се актерите Шон Пен и Арнолд Шварценегер, како и американскиот претприемач Илон Маск.

На целата територија на градот се распоредени над 3 илјади припадници на службата за безбедност, вклучувајќи и дополнителни патроли во чамци на реката Сена. Самитот се одржува на речен остров до кој може да се стигне само со чамци.

Инаку вселенските агенции на дваесетина земји предлагаат да се создаде вселенска опсерваторија на климата за размена на климатски податоци. Средбата на претставниците од овие земји се одржа во францускиот Национален центар за вселенски истражувања, во пресрет на климатскиот самит во Париз. Од околу 50 индикатори кои се неопходни за климата, 26 се регистрираат од сателитите.

 

Марина Ристова