Европа парализирана од снежно невреме, илијадници домаќинства без електрична енергија

12.12.2017 13:18

Откажани летови, блокирани патишта, заглавени патници. Голем дел од Европа се соочува со невреме. Илјадници домаќинства во Белгија, Германија и Франција останаа без електрична енергија. На некои точки од Алпите постои опасност од лавина...

Снежните наноси низ поголемиот дел од Европа предизвикаа проблеми во сообраќајот во неколку земји. На поголемите аеродроми во Белгија и во Германија беа откажани летовите. Поради дебелата покривка или голомразица е блокиран и патниот сообраќај. Граѓаните се револтирани бидејќи им се нарушува секојдневната рутина и обврските не ги завршуваат навреме.

„Катастрофа! Времево е лошо. Заглавени сме, а на работа требаше да сум во 10 часот. Сега е 10 и пол, и уште сме блокирани.“

„Точно е дека ќе беше полесно да возам во тунелот, но ќе беше проблем да излезам. Мора да сме трпеливи.“

„Денеска паднав два пати и за малку ќе ме удреше автомобил на пешачкиот премин додека одев на работа. 5 сантиметри снег не е големо количество, но ги нервира сите.“

Во 32 области во Франција, е прогласена вонредна состојба. Силниот ветер го прекина снабдувањето со електрична енергија на илјадници домаќинства. Предупредување за опасност од лавина е издадено во скијачките центри на француските Алпи поради снежната покривка со дебелина од еден метар измерена на надморска височина од 2000 метри.

Снежната бура предизвика хаос и во северниот дел на Италија.  Со проблеми во сообраќајот се соочуваат и Холанѓаните. Издадено е предупредување и за „екстремна опасност“. Властите ги советуваат граѓаните да не го користат ни железничкиот сообраќај доколку не е неопходно.

„Ме пратија на неколку места. На перон 18, па на 21, па потоа на 12. Не е добро. Кога влеговме сите, возот воопшто не тргна. Па повторно ни рекоа да излеземе.“

Слична е состојбата и во Обединетото Кралство каде што поради снежните врнежи се затворени и училиштата во одредени региони.

 

Маја Филдишев