Железничкиот сообраќај во прекин

12.12.2017 15:33

Возовите не сообраќаат. Машиновозачите на протест за октомвриската плата. Укажуваат- штрајкот ќе трае сѐ до исполнувањата на барањата. Раководството бара начин за решавање на проблемот...

Неисплатениот втор дел од октомвриската плата го сопре железничкиот сообраќај во земјава. Машиновозачите бараат решение за проблемот, за кој велат се влече со години. Според машиновозачот Чакаровски, не се само платите, туку проблем се и лошите работни услови.

„Не најде генералниот директор време да седнеме и да најдеме решение за проблемите во МЖ Транспорт. Сето тоа е резултат на ова што се случува, а што никој не го посакува. Вчера ние спонтано се собравме и донесовме одлука“, рече машиновозачот Душко Чакаровски.

Од вчера наутро железничкиот товарен сообраќај во Македонија е во целосен прекин, а од полноќ и железничкиот патнички сообраќај. Од раководството велат- се бара системско решение на проблемот.

„Во соработка со владата, правиме напори ако е можно во текот на оваа недела да се најде решение, да се исплати вториот дел од платата за октомври. Правиме напори што побрзо да се реши и второто барање. Тие остануваат на своите ставови, велат ова не е штрајк, не е бојкот, туку е прекин на работата“, изајви генералниот директор Љубиша Ристиќ.

Од машинскиот персонал додаваат дека доколку до 25-ти декември не биде исплатена и ноемвриската плата, одново ќе протестираат. Го повикуваат ресорното министерство да изнајде решение да се исплаќа платата во целост, како што било ветено.

Ова е трет пат како е во прекин железничкиот сообраќај, вработените поради неисплатени плати протестираа во февруари и во јуни годинава.

 

Дијана Ценевска