Нимиц: Прашањето за името може и треба се реши идната година
Прашањето за името може и треба да се реши идната година- изјави медијаторот Метју Нимиц по средбите со преговарачите од Македонија и од Грција, Наумовски и Василакис во Брисел. Оцени дека се потребни политичка волја и добра дипломатија, смета дека се подобрени односите меѓу двете страни. Разговорите продолжуваат во почетокот на идната година...

Посредникот на ОН за разликата за името Метју Нимиц не дал конкретен предлог на средбата во Брисел. На прес-конференцијата по разговорите со претставниците на двете земји рече дека има вистинска атмосфера да се најде решение што е можно поскоро.
„Двете страни ги претставија своите претходни позиции. Дискутиравме каде стојат по одредени прашања и што мислат нивните влади. Нема да кажам дека имаше конкретен предлог од двете страни, но имаше добра дискусија за можностите“, изјави Нимиц.
Претставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, се согласиле на серија состаноци почнувајќи од јануари, февруари и во март. Ќе се одржат во Њујорк и на европско тло, за да се придвижи процесот напред и да се најде решение идната година.
„Двете страни добро ја слушнаа другата страна, има добар дијалог и чувствувам дека има доволно флексибилност во умовите на страните за да најдат некои решенија“, нагласи Нимиц.
Премиерот Заев при посетата на Косово рече дека двете страни имаат желба суштествено да навлезат во решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име.
Ирина Гелевска
