ЗОИ 2014, Сочи, крос-кантри, екипен спринт

Почестите за Финците и за Норвежанките

19.02.2014 15:04

Иво Нисканен и Сами Јаухојерви ги изненадија фаворизираните скандинавските соседи и триумфираа во екипниот спринт...

Финските крос-кантри тркачи досега немаа медал во Сочи, но го освоија златото во  дисциплината во којашто тоа најмалку се очекуваше од нив. Иво Нисканен и Сами Јаухојерви ги изненадија фаворизираните скандинавските соседи и триумфираа во екипниот спринт.

Специјализираноста за класичното трчање Финците ја претворија во силна предност и победија пред Русите Никита Максим Виљежанин и Никита Крјуков. Домашните адути не издржаа докрај, иако на целта заостанаа само неполна секунда. До бронзата среќно стигнаа Швеѓаните Емил Јенсон и Теодор Петерсон со негатива од 15 секунди. 

Медалот му побегна им побегна Германците, откако Тим Чарнке имаше незгода на 200 пред целта, па на крајот завршија седми. Разочараа и без медал останаа Норвежаните Хатештад и Нортуг, само на четвртата позиција.

Тие не успеаја да го следат патот на нивните сонароднички. Норвежанките Ингвилд Естберг и марит Бјерген немаа вистинска конкуренција во женскиот екипен спринт, во којшто славеа со време за девет секунди подобро од она на Финките Аино-Каиса Саринен и Керту Нисканен. Пиедесталот го комплетираа Швеѓанките Ида Ингемарсдотир и Штина Нилсон, коишто во трката за бронзата беа за секунди побрзи од Германките.