Јавен повик за субвенции во рибарството

13.12.2017 10:30

Објавен е јавен повик за субвенции во рибарството. Средствата се за набавка на порибителен материјал и за одгледани и продадени риби на пазарот. Повикот ќе трае до 22-ри овој месец.

Сопствениците на рибници може да поднесуваат барање за субвенционирање на производството.

Повикот се однесува за набавка на порибителен материјал од домашно производство и за произведена и продадена риба на пазарот во периодот од 1-ви ноември 2016-та до 31-ви октомври 2017-та година.

Висината на поддршката за порибителниот материјал е до 40 проценти од вредноста на набавениот подмладок или најмногу до 300.000 денари по корисник.

Субвенцијата за произведена и продадена риба изнесува 20 денари за килограм.

Доколку до Агенцијата се поднесат повеќе барања отколку што има расположливи средства предност ќе им се даде на оние баратели кои го доставиле своето барање порано од останатите.

Барањата може да се испратат по пошта или да се донесат директно во платежната Агенција, најдоцна до 22-ри декември 2017-та година.

 

Методија Трајков