Претседателот Иванов ја отвори македонската Амбасада во Бразил

13.12.2017 11:30

Отворена македонската Амбасада во Бразил, прва резидентна во Латинска Америка. Ова е почеток на ново пријателство и соработка меѓу двете земји, порача претседателот Иванов...

Претседателот Иванов ја отвори македонската Амбасада во Бразил, прва во Латинска Америка. Шефот на државата оцени дека визната либерализација меѓу двете земји претставува дополнителен поттик за унапредување на севкупната соработка.

„Отворањето на македонската Амбасада во Бразил е почеток на ново пријателство и соработка меѓу двете земји. Неопходна ни е соработка и неопходни се лични контакти преку сите претставници на земјите на сите континенти. Бидејќи на сите ни е неопходен мирот и просперитетот, и неопходно е на младите поколенија да им оставиме извесна иднина“, порача Иванов на свеченото отворање на Амбасадата во Бразилија.

Амбасадорот Боцевски истакна дека Македонија во Бразил гледа свој партнер во глобалната економска, технолошка, научна и дигитална трка.

„Централен дел на работата на оваа Амбасада ќе биде борбата за привлекување странски инвестиции во Македонија, посебно на најглобализираните и технолошки водечките бразилски брендови“, нагласи амбасадорот Боцевски.

Присутните на свеченоста ги поздрави и в.д. министерот за надворешни работи на Бразил, Маркос Галвао.

„Договорот за визна либерализација, кој што е темелен за зближување на нашите народи, веќе ги олеснува посетите помеѓу двете земји. Идентификувавме можности во областите на разузнавањето, соработка во правосудството, трговијата и културата“, изјави министерот Галвао.

На свеченоста на отворањето на македонската амбасада во Бразилија присуствуваа личности од политичкиот и општествениот живот на Бразил, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници од македонската дијаспора.