Истанбул

Ердоган: Ерусалим - престолнина на Палестина

13.12.2017 12:19

Во Истанбул вонредна средба на Организацијата за исламска соработка по одлуката на САД да го признае Ерусалим за израелска престолнина. Анкара го повика светот да го признае Источен Ерусалим за главен град на Палестина...

Лидерите на муслиманските земји се собраа во Истанбул на самит по повод одлуката на САД да го признае Ерусалим како главен град на Израел. Одлуката на американскиот претседател наиде на речиси едносгласна осуда во светот и демонстрации на Блискиот исток и во муслиманскиот свет. Ердоган е еден од најгласните критичари на таквата одлука и ја смета за црвена линија за муслиманите. Тврди дека признавањето е спротивно на меѓународното право и дека Ерусалим е третиот по важност град во исламот, по Мека и Медина во Саудиска Арабија.

„Државата Палестина е план на Обединетите нации уште од 1947 година и ова е јасна демонстрација на фактот дека Израел е окупирана држава, а од друга страна е и држава на тероризмот. Војниците терористи убиваат десетгодишни деца, ги затвораат и ги ставаат во кафези“ изјави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган ги повика сите земји да го признаат Ерусалим за престолнина на Палестина, а САД да се откажат од „незаконското и провокативно решение“ за Ерусалим. На средбата учествуваат 22 претседатели на исламските земји и дваесетина министри за надворешни работи. Министерот за надворешни работи Чавушоглу побара светот да го признае Источен Ерусалим за Палестински главен град.

„Прво, Палестинската држава треба да биде признаена од сите останати држави. Ние сите треба да се бориме за тоа. Треба да побараме од другите држави да ја признаат Палестинската држава врз основа на границите од 1967 година и со главен град Источен Ерусалим“, изјави министерот Чавушоглу.

За статусот на Ерусалим се води неколкудецениски Израелско- палестински конфликт. Во градот се сметстени верски објекти со исклучителна важност за христијанството, јудеизмот и исламот.

 

Марина Ристова