Заев: Членството во НАТО и во ЕУ- врвен приоритет
Членството во НАТО и во ЕУ остануваат наш врвен приоритет. Испративме силна порака за политичка волја за градење добрососедски односи, но и за затворање на сите прашања што се пречка за евроинтеграциите. Премиерот Заев на конференција во организација на Евроатланскиот совет на Македонија...

Македонија е на добар пат за членство во НАТО и во ЕУ. Приемот во Алијансата за нашата земја ќе значи поголема безбедност и економски просперитет- оценува државниот врв. Премиерот Заев очекува креирањето подобри односи со соседна Грција да придонесе за отстранување на пречката за прием на Македонија.
„Испративме силна порака за искрена политичка волја за градење добрососедски односи и затворање на сите прашања што стојат како пречка за унапредување на односите. Обединетите нации се форумот за решавање на дел од овие прашања. Ангажманот мора да дојде и од самите држави кои се засегнати од предизвиците. Сметам дека сме на одличен пат “, изави премерот Зоран Заев.
„Отворивме процес на дијалог со соседите, со што создадовме атмосфера на меѓусебна доверба. На тој начин започнуваат процесите на решавање на отворените прашања, а сето тоа води кон поголема стабилност на регионот и евроатланската перспектива“, рече Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија.
Покрај добивањето покана за прием во НАТО, Македонија идната година очекува и датум за почеток на преговорите со Европската унија.
Ирина Гелевска
