Заврши протестот, железничкиот сообраќај нормализиран

13.12.2017 16:04

Железничкиот сообраќај во Македонија е нормализиран. На работниците во МЖ Транспорт им е префрлен вториот дел од октомвриската плата, што беше главната причина за блокадата. Надлежните најавија дека претпријатието се соочува со сериозни проблеми. Ќе се проверува работењето на претходното раководство...

Заврши протестот во Македонски железници. Се нормализираат патничкиот и товарниот сообраќај откако на работниците им е префрлен и вториот дел од октомвриската плата. Машиновозачите потврдуваат дека парите им се легнати на сметките, по што возовите почнаа да го следат редовниот возен ред. На ваквиот расплет на настаните му претходеше состанок меѓу Синдикатот, раководството на МЖ Транспорт и претставници на Владата.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев смета дека МЖ Транспорт се соочува со сериозни проблеми и се потребни радикални промени. Објаснува дека има предуслови за подобри работење на претпријатието, бидејќи во последниве неколку месеци е зголемен обемот на работа. Анѓушев најави и дека ќе се испитува досегашното работење во МЖ Транспорт за да се провери дали имало криминал.

Од Министерството за транспорт и врски, пак, уверуваат дека ќе продолжи исплатата на средства на име трансфери и субвенции кон МЖ Транспорт. Сообраќајот два ипол дена беше блокиран поради штрајк на машинскиот и извршниот персонал. Не сообраќаа ниту товарните, ниту патничките возови.

 

Дијана Ценевска