Новиот Закон за енергетика- поефикасен и насочен кон потрошувачите
Првиот човек на Европската енергетска заедница, Јанез Копач оцени дека земјава е многу блиску до финалниот текст на Законот за енергетика. Вели- ќе биде поефикасен и насочен кон потрошувачите. Надлежните очекуваат да се зголеми конкурентноста во снабдувањето со сите енергенси...

Предлог- законот за енергетика овозможува целосно усогласување на домашното законодавство со третиот енергетски пакет на ЕУ, стабилно и безбедно снабдување со енергија, нуди право на избор на потрошувачите и овозможува решавање на споровите и враќање на довербата на ЕУ кон Република Македонија, изјави министерот за економија Крешник Бектеши пред почетокот на јавната расправа за Предлог- законот за енергетика во Владата. Тој смета- либерализацијата ќе овозможи право на избор што ќе одведе до поконкурентни цени, ќе се заштити животната средина.
За Енергетската заедница оваа драфт верзија на Законот за енергетика е близу до финанлниот текст. Ќе овозможува пазарот да го управуваат независни регулаторни тела, но исто така, конечно ќе бидат надминати проблемите околу сопственоста на гасоводите, а ГАМА и МЕР ќе бидат еден субјект. Според Јанез Копач, за прв пат во фокусот на законот се потрошувачите, а не производителите.
Од своја страна, државата ќе настојува да го зголеми производството на струја во ЕЛЕМ и да ги намали трошоците што ќе влијае на регулираната цена. Со воведувањето на системот на премии кај обновливите извори, ќе се овозможат нови инвестиции во изградба на фотоволтаици, а државата со истиот трошок ќе добие десет пати повеќе енергија.
Вицепремиерот Анѓушев е дециден, со новиот закон не се укинува евтината тарифа на струјата и таа ќе зависи од пакетите што ќе им ги понудат снабдувачите на потрошувачите, односно од договорите на снабдувачите со операторот на дистрибутивната мрежа и можностите на енергетскиот систем во целина.
Свето Николовски
