Владата со повик до бизнисмените- сега е моментот да се инвестира и да се извезува

13.12.2017 16:40

Компаниите финансиски ќе бидат поддржани. Надлежните очекуваат да се постигне проектираниот економски раст за в година. Стопанските комори дебатираа за проблемите...

Сега е моментот да се инвестира, бизнисот да се насочи кон странските пазари. За поголем економски раст од сегашните 53, извозот да се позиционира на 60 до 70 проценти од БДП. Владата го повика бизнис еснафот кон повисока конкурентост. Му вети, успешните извозно ориентирани компании, ќе бидат стимулирани со поврат до 30 насто од вложеното, пари од купчето за финансиска поддршка на домашните фирми. Анѓушев убедува- проектираниот економски раст е реален.

„Очекувањата за следната година, она што го гледаме како 3,2 насто со сигурнсот ќе биде остварено, на повидок е „Фени“ да се реши, „Југохром“ да се рестартира, на повидок е решавање на проблемите со патиштата, тоа да се интензивира, градењето на железничката пруга. Сега е моментот да се инвестира, стопанствениците да го препознаат моментот и да го фатат овој нов економски бран, да инвестираат во Македонија за повисок економски раст и подобра иднина на сите“, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Анѓушев тврди, Владата ќе работи на сигурноста и заштитата на инвестициите. Бизнисмените бараат владеење на правото, стабилна политичка ситуација, да се спроведува ветеното. Две третини од 500-те анкетирани компании се изјасниле дека регулативата се носи без вклученост на бизнисот, 62 проценти велат дека условите за поддршка и развој се недоволни.

„Ваквите резултати укажуваат на потребата за подобрување на врските меѓу бизнис заедницата и државата, зашто тогаш сме сигурни дека креираме бизнис услови што одговараат на сите засегнати страни“, апелираше Љубомир Димовски, ЕПИ Центар.

За нови работни места и економски раст, локалната и централната власт да има слух за проблемите на компаниите, здружени да создаваат активности за поголема конкурентност- искуствата ги сервираа странските експерти.

„Потребно е сите заедно да се насочиме кон градење посилни бизнис врски, можности за создавање нови бизниси и отворање нови работни места преку зголемување на конкуренстноста на компаниите, како на домашниот, така и на странскиот пазар“, рече Едвард Гонзаелс, директор на Канцеларијата за развој на УСАИД.

За интернационализација на бизнисите, подобрување на постоечката правна регулатива дебатираа сите бизнис комори, странски и домашни експерти, владини преставници. Порачаа- Македонија има потенцијал, со визија, добар тим и соработка поблиски се европските пазари.

Сузана Фиданска- Стоевска