Украина во сириско сценарио
емјата влезе во сириското сценарио - одговорност што некој мора да ја преземе, но власта нема слух, а опозицијата контрола врз толпата...

Украина ја помина границата од која нема враќање – 26 загинати во една ноќ на немири. Земјата влезе во сириското сценарио - одговорност што некој мора да ја преземе, но власта нема слух, а опозицијата контрола врз толпата.
„Ова не е разговор. Претседателот не ја слуша опозицијата. Вели дека демонстрантите мора да престанат. Мора итно да се договориме и да престанат судирите“, рече Виталиј Кличко, опозициски лидер на „Удар“.
„Лидерите на опозицијата, кои исто така велат дека сакаат мирно решение, веднаш да се оддалечат од радикалите кои провоцираат крвопролевање и судири со силите на редот“, порача Виктор Јанукович, претседател на Украина.
Во Украина веќе не е во прашање демократска расправа, туку вистинска борба за власт – не се за потценување ни упорноста на демонстрантите, ни одлучноста на претседателот Јанукович да опстане. Европската Унија се заканува со санкции против одговорните, Русија ја обвинува за потпалување на радикалите.
„Понудата за политичка и економска асоцијација останува на масата и не е конечна цел на нашата соработка. Но кажавме јасно дека ЕУ ќе одговори на секое влошување на теренот“, се закани Жозе Мануел Баросо, претседател на Европската комисија.
„Гледаме обид за насилно преземање на власта. Опозицијата не реагира, а тоа ја охрабрува про-нацистичката револуција. Нема реакција ни од европските политичари и структури кои одбиваат да ја признаат одговорноста на опозицијата за акциите на радикалите“, обвини Александер Лукашевич, портпарол на руското МНР.
Кризата ја прави особено тешка длабоката поделеност на западна Украина, предводена од Лавов, кој тивко го поддржува насилството и источна Украина, каде што отворено се зборува за поделба. До каде стигнаа работите на Евромајданот појасно од се го покажува испраќањето на воздушна десантна единица.
„Луѓето доаѓаат, иако не е лесно да се дојде брзо. Властите поставија контролни пунктови на автопатите и ги задржуваат возовите“, објаснува демонстрантот Михаило.
„Ми го изгаснаа огнот на чевлите. А другар ми загина“, раскажува повреден припадник на специјалната единица Беркут.
Киев денес гори, а утре Украина со ден на жалост ќе ги испрати 26-те загинати. Настаните ги засенија и игрите за украинските олимпијци – од Сочи шок и неверување за тоа што се случува во земјата.
Ивана Салтировска
