Воздухот во Скопје е алармантно загаден
Маглата и аерозагадувањето предизвик за жителите во земјава. Недостигот од воздушни струења придонесува високата концентрација на микро честички, и натаму да се задржи на истото ниво, опасно по здравјето...

Скопјани изутринава се разбудија во магла и смог. Воздухот веќе во континуитет е крајно загаден. Аерозагадувањето со микрочестичките е над максимнално дозволените концентрации. Граѓаните велат дека чуствуваат последици по нивното здравје.
„Проблеми со респиратнорниот тракт, кашлица. Избегнувам и не само јас...“
„Секој треба да биде совесен, да не фрламе ѓубре, пластика, да не се возат многу коли.“
„Секој лично мора да придонесе за тоа. Затоа она- баш ми е гајле, и за неговото дете е проблем.“
„Маглата ја имало и пред 60 години, но сообраќајот ваков не бил. Фабрики, дали имало дали немало, колку- како, но и котлината си има улога“, велат граѓаните што ги анкетиравме.
Чистење на Скопје, нов концепт за јавен превоз, усогласување на деталните урбанистички планови на општините за да се запре бесправната урбанизација, забрана за работа на печките во Дрисла во критичните денови . Според градскиот татко, ова се планираните мерки против загадувањето. Во текот на јануари во дел од средните училишта ќе се инсталираат прочистувачи на воздух. Сега го плаќаме данокот за несериозното однесување кон градската средина, оцени Шилегов.
„Мораме да се посветиме на системски решенија. Вчера потпишавме за пречистителна станица во Скопје. Тоа е мерка што не може да даде веднаш резултат. Вчера повикав да не очекуваме филмски резултати. Треба да ги промениме животните навики секој од нас поединечно, бидејќи само на тој начин можеме да придонесеме кон здравата животна средина. Не можеме да очекуваме спектакуларни резултати, можеме да очекуваме подобрување во некои состојби, сегметално со интервентните мерки, меѓутоа некој дека ќе може да го најде копчето, да го исчисти воздухот и протера денешната магла- таква категорија не постои“, изјави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
Партнерски однос и соработка за координирана акција за да се справиме со загадувањето на воздухот, повикаа од извршната власт и Американската агенција за меѓународен развој.
„Отворени сме за било кој предлог што мислите дека недостасува, да го вклопиме и за тоа соодветно да буџетираме“, рече заменик- министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
„Македонија и пред сѐ Скопје се многу загадени, споредено со европското ниво, меѓутоа има градови на светско ниво кои се уште позагадени и затоа можеме да ги слушнеме нивните искуства и да научиме од нивните примери, со цел сите заедно, општинските власти и централната власт и граѓанското општество да најдат практични и ефективни решенија“, вели Едвард Гозналес, директор на Канцеларијата за развој на УСАИД.
За невладините загадувањето може да се намали ако се вклучат сите релевантни институции.
„Треба прво да се проверат сите мали индустрии кои работат најчесто ноќно време, кога загадувањето е најголемо. Треба да се реши проблемот на социјалните случаи, загрозените семејства кои употребуваат секакви методи за загревање на нивните домови“, изјави Кристина Прилепчанска, невладина екоорганизација.
Земјава последниве 12 часа е една од ретките европски држави обележана со црвена боја, што означува високо аерозагадување. Ова е посочено во податоците на европскиот индекс за квалитет на воздухот. Надлежните препорачуваат во вакви услови да не се излегува без потреба. Ова особено се однесува на малите деца, повозрасните лица, хронично болните и бремените жени.
Ана Јосифоска- Тодоровска
