Владата бара трајно решение за Македонски железници

14.12.2017 13:31

Премиерот Заев посочи дека Владата има системска определба во изнаоѓање трајно решение на проблемите во Македонски железници.

Премиерот Заев на средба со претставници на Синдикатот на вработените во МЖ Транспорт. Се разговараше за проблемите со кои се соочува претпријатието, за условите за работа во кои работат работниците, како и за новите перспективи кои се отвораат за железничкиот сообраќај во Македонија со зголемениот интерес за изградба и комплетирање на коридорите 8 и 10, соопшти владината прес-служба.

Премиерот ги слушнал барањата на работниците и порачал дека низ взаемен дијалог меѓу владата, синдикалните организации и менаџментот на железници, ќе се разгледуваат можностите и ќе се носат одлуки за трајно и системско решение на проблемите во претпријатието.

Од вчера попладне е нормализиран патничкиот и товарниот сообраќај, откако на сметките на вработените легна вториот дел од октомвриската плата.