ОБСЕ

Кампања за поголема граѓанска вклученост

14.12.2017 14:11

Македонските граѓани немаат доверба во институциите и не се заинтересирани да покренат иницијативи за унапредување на животот во своите заедници, покажало последното истражување на ОБСЕ. Поради ова, оваа организација почна со проект за информирање за поттикнување можни решенија...

81 процент од граѓаните не се заинтересирани да покренат иницијативи за решавање на проблемите во нивните општини, покажало последното истражување на ОБСЕ во Македонија. Граѓаните не веруваат дека нешто може да се промени или сметаат дека не е нивна работа да реагираат, со што ова е меѓу најниската граѓанска проактивност во Европа. Затоа, ОБСЕ почна проект за зголемување на реакциите на граѓаните до надлежните за решавање на проблемите.

„ОБСЕ работеше со општините за зголемување на капацитетите за одговор на загриженоста на граѓаните за проблемите. Сега работиме со граѓаните да покренуваат иницијативи до општините за пријавените проблеми. Сакаме да ги охрабриме и да ја засилиме нивната вклученост во промената на околината, да бидат свесни за инструментите кои им стојат на располагање. Досега не работевме директно со градоначалниците на оваа тема, но ќе обрнеме внимание идната година“, изјави Јанис Пилурис, постар советник во ОБСЕ.

Поттикнување на граѓанското учество под мотото „Ако јас се прашувам“ се спроведе со организирани дебати во Велес, Штип и во Струмица, а наскоро и во Тетово, Охрид, Куманово и во Битола.

 

Ирина Гелевска