Николовски: 65 илјади земјоделци ќе го добиваат назад персоналниот данок

14.12.2017 16:08

65 илјади земјоделци со приход до милион денари ќе го добиваат назад персоналниот данок на стартот на секоја година – најави Министерството за животна средина. Од ресорот велат- на производителите ќе им остануваат повеќе пари. Олеснување и на административните постапки. Откупувачите ќе им поднесуваат даночните пријави...

Со измените на Законот за персонален данок на доход, на земјоделците со приход до еден милион денари годишно, ќе им биде целосно враќан платениот персоналец во тековната година, во почетокот на наредната година. Наместо досегашното решение да не се плаќа персоналец за приходи до 300 илјади денари, сега се крева прагот на милион денари. Практично ослободувањето се претвори во поврат на данок за приходи до милион денари за земјоделци на кои тоа им е основна дејност, најави ресорниот министер Љупчо Николовски.

„Тоа значи дека околу 65 илјади земјоделци на почетокот на секоја година на својата сметка ќе добијат износ еднаков на задржаниот данок. Нагласувам: Околу 65 илјади земјоделци ќе бидат ослободени од товарот на персоналниот данок. Со оваа мерка, околу 7 милиони евра повеќе пари ќе останат кај земјоделците“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Николовски појасни дека истовремено земјоделците се ослободуваат и од административните процедури и дополнителни трошоци. Обврската да поднесуваат годишна даночна пријава во иднина ќе биде на откупувачите. За реализација на овој проект на УЈП и на ресорот за земјоделство се добиени средства од делегацијата на ЕУ во земјава, рече Николовски.

Според експертите, со овие измени, УЈП ќе добие целосен увид во паричните текови во земјоделскот сектор, ќе се спречат можни злоупотреби од откупувачите и ќе се намали сивата економија.

 

Свето Николовски