Собрание: Расправа за избор на нов Јавен обвинител
Во Собранието наместо за Предлог- буџетот за 2018-та, дебата за избор на нов Јавен обвинител. Расправата за државната каса за идната година е презакажана за 22-ри декември...

Седницата на Собранието на која на дневен ред беше дополнетиот Предлог- буџет за 2018-та година е презакажана за идниот петок. Наместо неа, закажано е продолжение на седницата на која треба да биде именуван јавниот обвинител, како и да бидат разгледани реформските закони за правосудството.
Владата на почетокот од минатиот месец му предложи на Собранието за Јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.
На огласот што го распиша Владата за нов државен јавен обвинител се пријавија 23 кандидати. Согласно процедурата, Советот на јавните обвинители ѝ достави на Владата образложено мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите.
63- годишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во областа на извршување на кривичните санкции. Во 2003-та година е избран за заменик јавен обвинител, а од 2015 година е член на Советот на јавните обвинители на РМ.
За именување на Јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.
