НАСА: Откриена нова планета во систем сличен на сончевиот
Од НАСА тврдат дека откриле нова- осма планета во систем сличен на сончевиот. До откритието дошле со анализа на податоците со помош на вештачка интелигенција. Не можело да се потврди дали има живот на планетата...

Експертите од НАСА соопштија дека во оддалечениот систем Кеплер 90 била забележана уште една, осма планета, што го прави тој систем најсличен со сончевиот. До новото откритие дошле во соработка со Гугл, односно со примена на новиот пристап на анализа на податоците со помош на вештачка интелигенција.
Со набљудување преку телескопот Кеплер, сепак не можело да се воочи постоење на живот надвор од земјата, поради што НАСА истакнува дека потрагата продолжува.
Најновото откритие е резултат на повторно пребарување на областа на системот Кеплер 90, околу чија ѕвезда до сега беа забележани седум планети. Со новоткриената осма, овој систем има ист број планети како и земјиниот.
Податоците што ги собрал телескопот се анализирани со употреба на алгоритам развиен од Гугл, чиј програм успеал да забележи она што било пропуштено во текот на претходните набљудувања на истата област.
Телескопот Кеплер беше лансиран во 2009 година и тогаш не се знаело колку се чести планетите надвот од Сончевиот систем. Благодарение на неговата досегашна работа, астрономите денеска веруваат дека околу секоја ѕвезда во вселената се наоѓа барем една планета.
Кеплер својата мисија ја објави во 2012 година, а во 2014 почна со продолжена мисија, во која продолжува потрагата по егзопланети. Досега се откриени 5.011 планети, а 2.515 веќе ја добиле својата потврда. Од нив, 30 се наоѓаат во зона во која би можело да има услови за живот.
Марина Ристова
