Анѓушев: Граѓаните нема сами да набавуваат калориметри

18.12.2017 12:29

Вицепремиерот ги отфрли гласините дека трошокот ќе го платат граѓаните. Се бара можност средствата да се обезбедат од странски извори.

Граѓаните нема да го платат инсталирањето калориметри со кои што ќе се мери потрошувачката на топлинска енергија во становите, што е предвидеено со новиот Закон за енергетика, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој ги отфрли гласините дека трошокот ќе го платат граѓаните. Се бара можност средствата да се обезбедат од странски извори.

„Мерачи ќе има и ќе се најдат финасиски средства да бидат платени, а да не бидат на товар на граѓаните. Нивната набавката ќе биде регулирана со подзаконски акти, а граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Тој посочи дека има различни начини како да се набават, преку фондови да се обезбедат средства за воведување на калориметри во домаќинствата или да помогне државата. Во преговори се, како што кажа, со повеќе институции меѓу кои и со Хабитат и Зелениот климатски фонд.

Новата регулатива ќе стапи во сила на почетокот на 2019-та, рече Анѓушев.