Сијарто: Кризата со мигрантите не треба да се управува, туку да се сопре

18.12.2017 13:00

Кризата со мигрантите не треба да се управува, туку да се сопре- изјави во македонското Министерство за надворешни, шефот на унгарската дипломатија Сијарто. По средбата со колегата Димитров, тој обелодени- ја почитуваме Македонија бидејќи знае да си ги заштити границите.

Кризата со илегалната миграција е голема закана за Европската унија и со неа не треба да се управува, туку треба да се сопре- истакна шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто по средбата со македонскиот колега Никола Димитров во Скопје. Македонскиот министер за надворешни работи, пак, оценува- не се исклучуваат нов ризици.

„Ние се соочуваме со најлоша безбедносна состојба во последните декади во ЕУ, а откако почна кризата со илегалната миграција се соочуваме и со најсериозната борба против тероризмот. Ние многу ги почитуваме оние земји што сакаат да ја сопрат миграцијата, наместо да управуваат со неа, и ги почитуваме оние земји што се подготвени да си ги бранат границите“, изјави шефот на унгарската дипломатија Сијарто.

„Видовме што се случи во 2015-та година и наша задача е таквата ситуација да не се повтори. Факт е дека нови ризици не се исклучени и затоа е многу важно да имаме соработка, да внимаваме на нашите граници и да бидеме отворени за комуникација“, нагласи министерот за надворешни работи, Димитров.

Сијарто, кој ќе има средби со државниот врв, и со партиски лидери, укажа на отворената поддршка на Унгарија за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО.