Граѓаните нема да ги платат калориметрите
Граѓаните нема да го платат инсталирањето калориметри со кои што ќе се мери потрошувачката на топлинска енергија во становите, предвидено со новиот Закон за енергетика- изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев. Се приклучуваме на Транс-адријатик гасовод, а не на Турскиот тек- изјави вицепремиерот...

Новиот Закон за енергетика предвидува инсталирање калориметри со кои ќе се мери потрошувачката на топлинска енергија во становите, но целосна дезинформација е дека трошокот ќе падне на граѓаните, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој најави дека законот и позаконските акти ќе бидат навреме донесени, а новата регулатива најверојатно ќе се применува од 1 јануари 2019-та. Се бара најдобриот начин за финансирање на овој трошок и во игра се неколку модалитети, рече Анѓушев.
„Разговараме со повеќе институции. Би ги споменал Хабитат, овој Зелен климатски фонд, за да обезбедиме средства тоа да биде направено од тие финансиски извори, а не на товар на граѓаните на Р. Македонија“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Коментирајќи го градењето нови регионални гасоводи Анѓушев изјави дека интерес за Македонија не е приклучување кон гасоводот „Турски тек“ затоа што тој ќе пренесува природен гас од истиот извор. Овој енергетски проект, според него, не е регионално прифатен.
„Мислам дека Македонија има интерес да се приклучи на ТАП и да направи алтернатива во снабдувањето со гас. Односно да се приклучи на алтернативните извори на гас, кои што доаѓаат од Азербејџан и од терминалите за природен гас во Грција“, смета вицепремиерот Анѓушев.
На овој начин би се обезбедиле повеќе извори на снабдување и ќе се зголеми конкурентноста во земјава, што не се постигнува со приклучување кон „Турски тек“, појасни Анѓушев, говорејќи за обезбедување алтернативни извори на снабдување на потрошувачите со природен гас. Најважно е да се обезбеди сигурно снабдување со гас на државата и конкуретност на цените, изјави вицепремиерот за економски прашања.
Свето Николовски
