Гостински осминафинални победи на Барса и на ПСЖ
Фудбалката Лига на шампионите е во осминафинална фаза во којашто калкулации се сведени на минимум, но привлечноста на натпреварувањето не е само во победите и головите, некогаш и во судиските превиди, како на пример при една од двете гостински вчерашни победи.

Швеѓанецот Јонас Ериксон грешеше на сметка и на Манчестер Сити и на Барселона, Фабрегас не беше во офсајд при непризнатиот гол, но Англичаните ќе му го паметат пеналот што требаше да биде слободен удар. Демикелис заслужи црвен картон по стартот над Меси кој судискиот подарок го претвори во 1:0. Се натаму беше рутина за каталонците кои реваншот на Камп Ноу ќе го дочекаат со предност од 2:0 поради погодокот на Алвеш. Домашниот менаџер Пелегрини го обвини арбитарот за поразот, незадоволен беше и капитенот на „граѓаните“ Компани кој смета дека критериумот бил кошаркарски, но и призна дека премногу ја почитувале Барса.
Пари Сен Жермен не е само еден играч, полека вложените пари се претвораат во квалитетен тим, но кога Ибрахимовиќ е во елемент противник од типот на Баер Леверкузен нема ниту теоретски шанси. Два гола на популарниот Ибра за вкупно десет и лидерска позиција меѓу стрелците, по еден за единствениот Французин Матуиди и дебитански за Кабај. Клучно беше брзото водство оцени Ибрахимовиќ кој вели дека се забавувал на Бајарена. „Не знам дали годинава ќе стигнеме до пехарот, можете да бидете голем тим и да не го освоите трофејот или пак да станете прво шампион, па потоа да прераснете во великан“, изјави Швеѓанецот.
