САД ставија вето на резолуцијата во ОН за Ерусалим
Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли рече дека го вложила ветото во знак на одбрана на американскиот суверенитет и улогата на Америка во новиот мировен процес на Блискиот Исток. Хејли рече дека ниту една земја нема да им кажува на Соединетите Држави каде да ја воспостават својата амбасада.

Соединетите Американски Држави во Советот за безбедност ставија вето на резолуцијата со која се повикува на повлекување на одлуката на американскиот претседател Трамп, Ерусалим да го признае за главен град на Израел. Останатите 14 членки гласаа за тој нацрт. Медиумите пишуваат дека со овој потег, САД уште повеќе се изолирале, кога станува збор за спорната одлука на Трамп. Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли рече дека го вложила ветото во знак на одбрана на американскиот суверенитет и улогата на Америка во новиот мировен процес на Блискиот Исток. Хејли рече дека ниту една земја нема да им кажува на Соединетите Држави каде да ја воспостават својата амбасада.
Амбасадорката обвини некои земји за обид за искривување на одлуката на американскиот претседател во корист на сопствените агенди и нагласи дека ставот на САД е во потполна согласност со претходните резолуции на Советот за безбедност.
Во текстот на резолуцијата за која гласаше Советот, а кој го подготви Египет, се изразува длабоко жалење поради неодамнешните одлуки во врска со статусот на Ерусалим, иако притоа не се споменуваат САД, ниту Трамп. Понатаму се вели дека каква било одлука или акција за измена на карактерот, статусот или демографскиот состав на светиот град Ерусалим нема правен ефект, дека е неважечка и дека ќе мора да се отфрли во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност.
„Ерусалим илјадници години беше политички, културен и духовен дом на Евреите. Тие немаат друг главен град. САД имаат суверенитет да одлучат каде ќе ја лоцираат амбасадата. Гласањето е навреда која нема да биде заборавена“, изјави Ники Хејли, амбасадорка на САД во ООН.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им изрази благодарност на „Твитер“. Истовремено, палестинскиот министер за надворешни работи Ријад Ал Малики, најави дека Палестинците во рок од 48 часа ќе побараат итен состанок на Генералното собрание на ОН, а претседателот Абас изјави дека повеќе нема да ги прифаќа САД како посредник на Блискиот Исток.
Турското Министерство за надворешни работи, пак, соопшти дека Турција е шокирана од ветото од САД и истакна дека со тоа Вашингтон уште еднаш покажал дека ја загубил објективноста, како и дека е неприфатлива неефикасноста на Советот за безбедност на ОН.
Марина Ристова
