Елитна вечер на Емирати и на Сан Сиро
Убавината на нокаут рундата на фудбалската Лига на шампионите е и во тоа што поуспешен ќе има, иако тоа не мора да биде подобриот. Во вечерашните осминафинални дуели, Арсенал се надева на реванш против шампионот Баерн Минхен, додека седумкратниот првак Милан во дуелот со разиграниот Атлетико Мадрид очекува пресвртница во сезоната.

Само Реал Мадрид и Арсенал во новиот формат на Лигата на шампионите што стартуваше пред десет години задолжително се пласирале во осминафиналето, но проблемот за „топчиите“ е во тоа што во последните три сезони за нив елитното натпреварување завршуваше во оваа фаза. Токму Баерн лани во двата меча во коишто решавачки беа гостинските голови ги елиминираше лондончани. Актуелниот шампион со десет врзани победи е рекордер во Лигата на шампионите, баварците се поразени само еднаш во 35 дуели во сите конкуренции и на Емирати доаѓаат без Рибери и Шакири, но со Швајнштајгер.Венгер смета дека ова нема да биде шаховска партија меѓу него и Гвардиола и дека на теренот одлучуваат фудбалерите, во случајов не и Артета кој е суспендиран. Преносот од пресметката Арсенал - Баерн Минхен ќе биде на МРТ1 во 20 и 45.
Милан ја игра една од најлошите сезони во новиот век, Атлетико по подолго време е конкурентен за шпанската титула, но „росенереите“ никој не смее да ги отпише, па затоа тренерот на мадриѓани Симеоне е претпазлив. Впрочем, со Аргентинецот како играч Атлетико последен пат и тоа пред 17 години беше дел од четвртфиналното друштво. Сидорф сега како кормилар очекува Милан да експлодира токму вечерва без разлика што неговата екипа против шпанските има само една домашна победа во последните осум мечеви и ќе биде без суспендираните Монтоливо и Мунтари и повредените Ел Шарави и Робињо. Предводен од одличниот Диего Коста за Атлетико нема да биде хендикеп отсуството на Тиаго и на Филипе Луис.
