Тројца загинати, над 100 повредени во железничка несреќа во САД
Во железничка несреќа во САД загинале најмалку тројца патници, а над 100 биле повредени, соопшти Националниот одбор за безбедност. Првото возење по скратената рута на возот на „Амтрак“ заврши со излегување на возот од шините и паѓање на соседниот автопат...

Патничкиот воз кој излета од шините и падна врз фреквентен автопат во државата Вашингтон се движел со 130 км/ч во моментот на несреќата, во која загинаа неколку патници. Дозволената брзина на кривината каде што машиновозачот ја загубил контролата била 48 км/ч. Седумдесетина патници се хоспитализирани, од кои многумина се во критична состојба. Локалните власти очекуваат зголемување на бројот на загинати. Истражниот тим останува на местото на несреќата во наредните денови. Гувернерот на Вашингтон прогласи вонредна состојба во два округа.
„Возот има 12 вагони и локомотиви на предниот и на задниот дел. Според „Амтрак“, во него имало 80 патници, тројца членови на екипажот и двајца вработени во кафулето. Возот застанал на две точки. Последна пауза персоналот направил на станица оддалечена 28 километри од местото на несреќата. Нашата мисија е да дознаеме што точно и зошто се случило, за да можеме да препорачаме промени кои би спречиле ваква трагедија во иднина“, изјави Бела Дин- Зар, член на одборот на НТСБ.
Возот паднал врз седум возила, вклучувајќи и два камиона, но никој од патниците во нив не загина во несреќата. Сообраќал на релација Сиетл-Портланд. Излетал на дел од пругата, јужно од Такома ,која претходно се користела исклучиво за товарни возови.
„По многу години решив да одам со воз. Не очекував да се случи нешто лошо. Одеднаш почна да се тресе, го грабнав седиштето пред мене. Ми одлетаа лаптопот и мобилниот“, вели еден патник.
Претседателот Доналд Трамп реагираше со објава на „Твитер“ во која потенцираше дека несреќата е доказ дека е потребен неговиот најавен план за инфраструктура. Откако неколку медиуми му возвратија дека поднесениот федерален буџет за транспорт опфаќал скратувања во финансиите за железничкиот систем, Трамп им изрази сочувство на семејствата на загинатите.
Маја Филдишев
