Димитров: Решение за името со државен консензус и со изјаснување на граѓаните на референдум
Решението за името мора да се донесе со државен консензус и со изјаснување на граѓаните на референдум, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров, одбивајќи да ги коментира можните решенија за разликите што Грција ги има со нашето уставно име...

„Македонија ќе ги спроведе сите неопходни реформи за добивање датум за преговори со Европската унија, но решението за разликата што Грција го има со нашето уставно име не зависи само од земјава“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тој не сакаше да коментира решенија што се објавуваат во грчката јавност, бидејќи ќе им наштети на разговорите под медијаторство на Нимиц. Беше дециден дека мора да има референдум за името.
„Прашањето има таква природа што јас мислам дека не може да се реши одржливо, ако не се прашаат граѓаните. Мислам дека граѓаните мора да се прашаат, во интерес на одржливо решение“, изјави шефот на дипломатијата, Димитров.
Македонија мора да го зграпчи моментот и во наредните шест месеци да постигне некакво решение со Грција, за идната година да почне преговори со ЕУ. Унијата не може да врши притисок врз Грција, оцени австрискиот професор Флоријан Бибер.
„Она што треба да се случи е да имаме поддршка од членките на ЕУ, но и од САД за создавање клима со која владите ќе бидат комотни со решение во интерес на двете држави“, вели Флоријан Бибер, Советничка група за политиката на Европа за Балканот.
Според професорот, дел од земјите- членки на Унијата сѐ уште се скептични за проширувањето, па Македонија само со спроведување на реформите во наредните шест месеци може да ги убеди дека заслужува почеток на преговорите за членство.
Ирина Гелевска
