Со заедничка посна трпеза Прилеп го слави „Свети Никола“

19.12.2017 15:35

Со утринска литургија чествување и посна трпеза во центарот на градот со познатите светиниколски мали сарми, Прилеп по 12-ти пат го прославува светецот заштитник - Свети Никола. Да се угледаме на добродетелствата што ги правел заштитникот на морепловците, децата, на сиромашните, е пораката од денешната прослава...

Прилеп ја продолжува традицијата- да го слави светецот заштитник на градот, Свети Никола. Со утринска литургија, чествување пред параклисот во центарот на градот и со посна трпеза за сите, прилепчани испратија порака- прославата ги зближува луѓето, го зацврстува заедништвото и ја задржува добрата мисла.

Треба да ги следиме добродетелсвата на заштитникот на морепловците, на децата, на сиромашните, велат домаќините на годинашнава прослава и локалните власти. Домаќините нагласуваат дека за посната трпеза се приготвени преку 60.000 посни сарми, 700 килограми грав, 500 килограми риба, маслинки, пијалаци.

Организирано Прилеп го слави „Свети Никола“ по 12-ти пат, а во 2008 познатите светиниколски посни сарми влегоа во Гинисовата книга на рекорди. В година, домаќин на прославата ќе биде семејството на прилепскиот градоначалник.

 

Елизабета Митреска