Регионот се надева на успешна 2018-та година
„Македонија е посветена на реформите и на решавање на отворените прашања со соседите- се надеваме дека земјата ќе најде место во Стратегијата за проширување која Унијата ќе ја објави во февруари“- премиерот Зоран Заев по неформалната вечера со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини. Регионот се надева дека 2018-та ќе биде година на успех...

Пред лидерите на земјите од Западен Балкан, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, ја презентирала најважната новост- Стратегијата за проширување, соопшти владината прес- служба.
На неформалната вечера на Могерини со шестмината премиери од Западен Балкан било констатирано дека 2017-та година е година на успех за регионот. Македонскиот премиер Зоран Заев истакнал дека земјата е посветена на реформите, но и на решавање на отворените прашања со соседите. Тој се надева дека Македонија ќе најде место во стратегијата за проширување која Европската унија ќе ја објави во февруари.
„Јас сум убеден дека ако внимателно се однесуваме како општества, ако посветено работиме, кон исполнување на главните стратешки цели кон ЕУ и НАТО, Македонија и тоа како заслужува место во меѓународните организации од таков калибар, а секако тоа значи унапредување на сеопштиот квалитет на живот на граѓаните“, изјави премиерот Зоран Заев.
Шестмината премиери констатирале дека треба да гледаат на оваа Стратегија како на јасен сигнал кон нив, за нивната европска перспектива. Сметаат дека 2018-та година е клучна за голем исчекор на сите држави од регионот во пристапувањето кон Европската унија, но и за интензивирање на регионалната соработка со максимална поддршка на инструментите на Унијата.
Миле Ристески
