СЈО отвори седум нови истраги, осомничени 17 лица за злоупотреба на службената положба

19.12.2017 15:57

Седум нови истраги отвори Специјалното јавното обвинителство. 17-мина се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања. Од СЈО велат дека во иднина се гледаат како дел од државното јавно обвинителство...

Специјалното јавно обвинителство отвори седум нови истраги за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за измама во службата. Осомничени се 17 лица. Набавка на опрема во УБК, во здравство, во ЕЛЕМ, патни трошоци, дивоградби се дел од причините за истрагите.

„Првата истрага под кодно име „Странски служби“ е отворена против две лица поради постоење основано сомневање дека сториле кривично дело-Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик, од кои едниот како поттикнувач, а другиот како директен извршител“, изјави Фатиме Фетаи, обвинител во СЈО.

Катица Јанева рече дека во рамките на владината стратегија за реформи во правосудството во одинина се гледаат како дел од државното јавно обвинителство.

„Верувам дека од наша страна ќе се поднесат и други обвиненија и дека ќе има можност јас и обвинителите во Специјалното јавно обвинителство истите да ги застапуваме согласно нашата законска надлежност пред судовите во Република Македонија. Она што беше уште една потврда на нашата работа во изминатиот период, е и судската пракса воспоставената со Решенијата на Апелациониот суд Скопје, со кои е потврдено дека снимките кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите со донесувањето на Законот за Специјалното јавно обвинителство се дел од правниот поредок на Република Македонија“, нагласи  Катица Јанева, раководител на СЈО.

Досега СЈО поведе дваесет обвинителни акти.

 

Игор Панов