Вардар конечно слави против Татран

19.02.2014 23:36

Вардар во четвртиот обид во Сеха лигата и тоа во Прешов, успеа да ја оствари првата победа против екипата на Татран. 29-27 против словаците кои мотивираа и поради подобриот пласман на табелата и како недопирливи на свој терен.

Доволно силен предизвик за црвено-црните кои со мали падови, успеаја да го сочуваат триумфалниот ритам од Лигата на шампионите и релативно лесно да му се реваншираат за поразот во Скопје на второпласираниот тим на Сеха табелата. Зоната  5-1 омилена на предводникот на Вардар Раул Гонзалес и идеалната реализација беа решавачки за доминацијата во првиот дел што вардарци го завршија со два гола предност, иако имаа и максимални плус 4.

Татран во единствените 9 минути на ниво на почетокот на продолжението успеа да предизвикаат  кризен период во играта на Вардар и да поведат прв пат во 39-та минута. Македонскиот шампион брзо ја врати течната и рационална игра од првото полувреме и со серија од 7-2 во која немилосрден беше Дибиров кој погоди четири пати, ги откажа од подвиг домашните ракометари.

Рутинирано до крајот нашиот преставник  ја оствари деветата победа во 13 настап и направи голем чекор за пласман во третата по ред завршница на четирите најдобри во Сеха лигата што ја освоија во првото издание а во второто беа вицешампииони.

Најефикасниот вардаров играч во оваа конкуренција и во Лигата на шампионите Тимур Дибиров со 10 гола беше предводник и заокружи вкупно 118 гола на 19 натпревари оваа сезона. Во Игор Карачиќ кој постигна 5 гола имаше добра подршка. Најефокасен кај поразените беше летонецот Дајнис Кристопанс со 8 погодоци.