Најдобро решение за пензискиот систем е зголемување на економскиот раст
Нема идеална политика за регулирање на пензискиот систем - велат експертите. Според нив, отпаѓа идејата да се размислува за зголемување на должината на пензискиот стаж. Не гледаат решение ниту во зголемувањето на стапката на придонесите, бидејќи тоа ги зголемува трошоците на реалниот сектор и ја намалува можноста за нови инвестиции кои се генератор на создавање работни места. Велат, најдобро решение е зголемување на економскиот раст.

Нема идеална политика за одржливост на пензискиот систем, сметаат економисти од земјава. Посочуваат дека зголемувањето на придонесите или подигнувањето на старосната граница за пензионирање нема драстично да ја променат финансиската кондиција на Фондот, клучот е во повисок економски раст од пет проценти.
„Да се субвенционираат инвестициите, да се отвори банкарскиот сектор кон поголеми ризични пласмани. Би требало да се најдат начини за партиципирање во иновативната дејност, во образованието. За активирање на инвестициите во динамичките сектори како инфраструктура, образование, здравство, но не во градежништво“, изјави проф. Љубомир Шукаревски, универзитет Југоисточна Европа.
Од Центарот за економски анализи велат дека дефицитот во касата на ПИОМ не е последица на неповолните демографски движења, туку е резултат на системски проблеми.
„Ние имаме ранлива категорија кои се вработени, ранлива категорија пензионери, па тогаш ние ќе станеме ранлива нација“, смета Маријан Николов, директор на Центар за економски анализи.
Професорт Шукаров вели дека пензискиот систем во наредните 10 години нема да крахира, иако на тоа предупреди Меѓународниот монетарен фонд. Се проценува дека е можна стабилизација до 2027 година, кога прелевањето пари од централниот буџет ќе се сведе на нула и постепено ќе се создаваат вишоци, бидејќи бројот на пензионери во првиот столб ќе се намалува.
В година за покривање на дупката во пензискиот фонд ќе се одвојат речиси половина милијарда евра од државната каса.
Андријана Атанасовска
