По скандинавското, и северноамериканско полуфинале!

19.02.2014 23:37

Другото полуфинале на машкиот хокејарски турнир е северноамериканско.

Бранителите на златото од Ванкувер, Канаѓаните, се намачија против Летонија, но победија со 2-1. Откако Шарп погоди во првиот период, за само две минути со контрата на Дарзинс, Летонија израмни, а тој резултат долго стоеше во „Бољшој домот“ . Големата иницијатива Канада ја круниса со гол со играч повеќе на Вебер на седум минути до завршниот звук на сирената. Потоа немаше шанса за Летонија, па олимпискиот шампион останува на курсот кон финалето. За да биде во него, Канада треба да трумфира против Американци кои немаа проблем и со Чешка. Ван Римсдајк, Браун, Бејкс, Париси и Кесел го пратија пакот во мрежата за конечни 5-2. Двата гола на Хемски не ги спречија Соединетите Американски Држави да останат во игра за првото олимписко злато по 1980-тата, а вкупно трето. Канаѓаните досега се радуваа на осум.