Пуџдемон ги повика сограѓаните да гласаат за неговата листа
Резултатите од утрешните избори во Каталонија ќе ја обликуваат новата политичка сцена на Шпанија, а последиците ќе се чувствуваат и надвор од границите на државата. На гласањето му претходеа серија апсења, масовни протести, насилства, жестока реторика меѓу челниците на двете влади, па и бегство во Белгија на дел од раководството од Каталонија. Се прогнозира тесна разлика меѓу спротивставените струи поради што се мали шансите за разрешување на кризата.

Поранешниот каталонски премиер Карлес Пуџдемон од Брисел упати последен повик до своите сограѓани да гласаат за неговата коалиција „Заедно за Каталонија“ на утрешните регионални избори. На митинзите во Белгија каде што побегна пред Шпанија да издаде потерница за негово апсење поради обвинение за бунт и противдржавна активност, Пуџдемон порача дека нема да се откаже од целта поради идеолошката конфронтација која ја предизвика активирањето на Член 155 со кој беше укината автономијата на покраината. Побара Шпанија да ги повлече обвинувањата против него и сепаратистите доколку победат на изборите.
„Ако Каталонците прифатат соборување од власт на регионалната влада и распуштањето на Парламентот, спроведено од страна на Мадрид, следната власт на Каталонија исто така ќе биде изложена на „самоволие на централната влада“. Нема да се откажеме од нашата земја, нашата слободна земја. Продолжуваме како и досега, не го симнуваме гардот и покрај проблемите со кои се соочуваме“, изјави Карлес Пуџдемон, кандидат на „Заедно за Каталонија“.
Привршуваат и митинзите во Шпанија. Премиерот Маријано Рахој, којшто е и лидер на Народната партија, им порача на своите сограѓани да се вклучат во процесот на враќање на демократијата.
„Треба да ја вратиме демократијата, мирниот соживот и владеењето на правото. Треба да го продолжиме и процесот на економско закрепнување и отворање на работни места што се однесува и на Шпанија и на Каталонија“, изјави Маријано Рахој, премиер на Шпанија и лидер на Народната партија.
Според најновите анкети, Републиканската левица на Каталонија би била на прво место со 33 места. Граѓанската партија, која сака обединетост со Шпанија, ќе има едно до две места помалку, а на третото место би се пласирала коалицијата на Пуџдемон.
На 27-ми октомври, по едностраното прогласување независност, изгласано од регионалниот Парламент, Владата на шпанскиот премиер Маријано Рахој ги распушти каталонската извршна власт и регионалниот парламент, па распиша нови избори.
Маја Филдишев
