Нема бојкот на наставата поради загадениот воздух
Повеќе родители преку социјалните мрежи се обидоа да се организираат и да ја бојкотираат наставата поради загадувањето на воздухот. Останаа само на обид. Надлежните укажуваат- сите пропуштени денови мора да се одработат...

Под мотото „Свесно и совесно ја бојкотирам наставата на моето дете“, група родители се организираа на социјалните мрежи денеска да не ги носат децата на училиште. Целта е да се привлече вниманието на надлежните за да се реши проблемот со загадениот воздух. Според нив, досегашниот начин на протест не предизвикал никакви промени и токму затоа го смениле начинот на својот револт.
Наставата се одвива според распоредот на часовите. Учениците се во клупите. Отсуствата се во рамките на очекуваното за овој период од годината, велат надлежните. Ова е сликата од основните училишта и покрај информациите кои неколку дена се вртат на социјалните мрежи за бојкот на наставата.
„Наставата се одвива во најдобар ред, не е најавен бојкот, бројот на отсуства е во рамките на очекуваното за овој период од годината, бидејќи е период на вирози и настинки“, изјави Сашо Јовановски, директор на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“.
Доколку се скуси зимскиот распуст согласно со законот , истите денови ќе мора дополнително да се одработат, вели јовановски. Според него, во законот може да се изнајде модел со што ќе се излезе во пресрет и на родителите и на одработувањето на учебната година.
„Верувам дека во рамките на законот може да се изнајде модел којшто ќе излезе во пресрет и на родителите и на легитимитетот на учебната година. Секое одложување на учебната година, односно порано започнување на зимскиот распуст, ќе продуцира одработување на работни саботи понатака, кои исто така се проблем за учениците“, вели Јовановски.
МТВ контактираше и со надлежите од други училишта во главниот град, според нив наставата се одвива нормално насекаде, ниту еден родител не пријавил бојкот. Ова се однесува и на средните училишта.
Ана Јосифоска- Тодоровска
