Спасовски: Секој има право на протест, но да не се напаѓа полицијата
Го поддржувам правото на протест, но и го осудувам секој напад врз полицијата бидејќи тоа е и напад врз Република Македонија, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски...

Протестот е демократско право, но притоа не смее да се напаѓа полицијата. Ова го изјави ресорниот министер Спасовски по вчерашниот инцидент на граничниот премин Табановце, кога беше повреден полицаец при протест на ВМРО-ДПМНЕ. Најавена е кривична пријава за сторителот.
„Удирањето по полицаец значи удирање врз Република Македонија. Институциите мора да функционираат и обратно ако полициски службеник го прекрши законот и тој треба да сноси одговорност. Тоа полицајците добро го знаат, со тоа што и внатрешната контрола постапува ефикасно по предмети, а за сметка на тоа и граѓаните ќе треба да се однесуваат по правилата и прописите“, истакна Спасовски по пуштањето во употреба на новата полициска станица во Ѓорче Петров.
Ако бараме полицајците да се грижат за безбедноста на нашата држава, треба да имаме почит кон секој еден полицаец кој е на работна обврска, нагласи министерот за внатрешни работи.
