Нови судири во Украина и покрај постигнатото примирје!
20.02.2014 09:16
Денеска е прогласен ден на жалост во Украина. Во немирите досега загинаа 28 лица...

Припадници на специјаланата полициска единица „Беркут“ утрово презедоа акција и се обидуваат да ги растераат демонстрантите од киевскиот плоштад „Независност“, јавува агенцијата ИТАР-ТАСС.
Во операцијата се употребуваат шок-бомби и гумени куршуми. На плоштадот се слушаат силни експлозии и се издига црн густ чад.
Украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека од зграда во близина на плоштадот се пука врз полицијата, при што се повредени четворица полицајци. Бројот на жртвите во судирите во Киев достигна 28 луѓе, според најновите податоци од украинското Министерство за здравство.
Еден од лидерите на украинската опозиција Виталиј Кличко изјави синоќа дека претседателот Виктор Јанукович ветил дека нема да се урива кампот на демонстрантите подигнат во центарот на Киев во момент кога во градот втора ноќ по ред горea барикади, а демонстрантите бараат оставка од Јанукович.
По разговорите со тројцата лидери на опозицијата, Олег Тјагнибок, Арсениј Јацењук и Виталиј Кличко, Јанукович на својот веб-сајт напиша: Двете страни прогласија примирје и почеток на преговори со цел да се прекине крвопролевањето и да се стабилизира ситуацијата во државата.
Во Киев речиси три месеци траат проевропски протести покренати откако Јанукович во ноември се откажа од потпишување на Договорот за асоцијација со Европската унија.
