Каталонија: Тивкото малцинство ќе реши на изборите
Неопределените ќе го натежнат тасот на изборната вага на утрешните покраински избори во Каталонија. Тесна разлика меѓу следбениците на одвојувањето од Шпанија и на левичарите- унионисти...

Поранешниот каталонски премиер Карлес Пуџдемон од Брисел упати последен повик до своите сограѓани да гласаат за неговата коалиција „Заедно за Каталонија“ на утрешните регионални избори. На митинзите во Белгија каде што побегна пред Шпанија да издаде потерница за негово апсење поради обвинение за бунт и противдржавна активност, Пуџдемон порача дека нема да се откаже од целта поради идеолошката конфронтација која ја предизвика активирањето на Член 155 со кој беше укината автономијата на покраината. Побара Шпанија да ги повлече обвинувањата против него и сепаратистите доколку победат на изборите.
„Нема да се откажеме од нашата земја, нашата слободна земја. Продолжуваме како и досега, не го симнуваме гардот и покрај проблемите со кои се соочуваме“, изјави Карлес Пуџдемон, кандидат на „Заедно за Каталонија“.
Привршуваат и митинзите во Шпанија. Премиерот Маријано Рахој, којшто е и лидер на Народната партија, им порача на своите сограѓани да се вклучат во процесот на враќање на демократијата.
„Треба да ја вратиме демократијата, мирниот соживот и владеењето на правото. Треба да го продолжиме и процесот на економско закрепнување и отворање на работни места што се однесува и на Шпанија и на Каталонија“, вели Маријано Рахој, премиер на Шпанија и лидер на Народната партија.
Според најновите анкети, Републиканската левица на Каталонија би освоила 33 места во парламентот. Граѓанската партија, која сака обединетост со Шпанија, ќе има едно до две места помалку, а на третото место би се пласирала коалицијата на Пуџдемон.
Маја Филдишев
