Нова стратегија за развој на туризмот

20.12.2017 15:33

Измени во законите за туристичка дејност бараат туристичките работници. За да се оствари предвидувањето од 15-процентен раст на туризмот, неопходно е изготвување на стратегија за оваа стопанска гранка. Надлежните најавија- до крајот на јануари таа ќе биде готова.

До крајот на јануари идната година се очекува да биде изготвена Стратегијата за развој на туризмот кој ќе треба да овозможи развој на туристичките зони, изградба на инфраструктура и зголемување на бројот на хотелски сместувачки капацитети, велат туристичките работници.

Податоците покажуваат нагорен тренд, има раст на девизниот прилив и приходите од туризам, но недостига контрола на нелојалната конкуренција, сметаат од Стопанската комора. Бараат измени во Законот за угостителство и за туристичка дејност.

Туризмот во последните осум години бележи раст, велат од ресорното министерство. Идејата е да дојдеме до тримилиони ноќевања или еден милион посетители. Во моментов имаме околу 900 илјади евидентирани гости, вели државниот советник за туризам, Шовкет Хазари.

Хотелиерите очекуваат идната година бројот на ноќевања да се зголеми за 15 проценти.

 

Дијана Ценевска