Спасовски го осуди нападот врз полицаецот, ВМРО-ДПМНЕ обвини за полициска бруталност

20.12.2017 15:47

ВМРО-ДПМНЕ обвини за полициска бруталност на протестот на партијата на граничниот премин Табановце. Побараа нивниот упасен активист да биде ослободен. Министерот за внатрешни работи, Спасовски вели дека удирање по службено лице значи удирање врз државата...

Еден повреден полицаец и едно приведено лице е епилогот од вчерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ на граничниот премин Табановце. За време на блокадата на преминот дошло до туркање меѓу полицијата и членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во полицискиот билтен е наведено дека 42-годишно лице од Куманово се доближило до кордонот полицајци и удрил еден од нив во пределот на левото око. Полицаецот бил хоспитализиран, а човекот кој го удрил бил уапсен. Му се заканува пријава за напад врз службено лице, при вршење работи на безбедноста. Атакот врз полицаецот е напад врз државата, изјави министерот за внатрешни.

Од протестот пред Кумановскиот суд пак, ВМРО-ДПМНЕ побара уапсениот веднаш да биде ослободен. Рекоа дека е нивни активист, а настанот кај Табановце го окарактеризираа како невидена полициска бруталност. ВМРО-ДПМНЕ најави дека и следниве денови ќе блокира по еден граничен премин во државата.

Од опозициската партија тврдат дека условите во Истражниот затвор- Скопје се катастрофални. Притворените лица се држат во ќелии на температура под нулата со само два часа греење. Притворените во демократска држава во цивилизирана Европа се подложени на изживување и на методи како во логори од минатиот век, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Миле Ристески