Граѓаните кои не користат парно и понатаму ќе плаќаат паушал

20.12.2017 15:59

Уставен пресече- граѓаните кои не користат парно и во иднина ќе плаќаат одреден износ. Се проценува дека се опфатени околу 12 илјади домаќинства. Додека се подготвува новиот Закон за енергетика, дилеми и за тоа кој ќе плати за калориметрите на радијаторите...

Искучените од системот за парно греење и натаму ќе плаќаат паушал. Се работи за околу 12 илјади домаќинства. Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на оваа обврска, поднесена од иницијативата „Но Пасаран“, чиишто претставници секоја сабота протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика.

Во меѓувреме, додека се подготвува новиот Закон за енергетика, од Балкан енерџи груп тврдат дека обврската да инсталираат калориметри важи за новите згради, согласно стандардите за енергетска ефикасност. За старите згради, како што појаснуваат од компанијата, се остава опција да решат домаќинствата. Од БЕГ велат оти ја поддржуваат владината идеја да се обезбедат дополнителни фондови со кои ќе се популаризира вградувањето на опремата кај сите корисници.

Градоначалникот Шилегов вели дека се бара начин инсталирањето на калориметрите да не биде на товар на граѓаните, а приклучувањето на топловодната мрежа да биде бесплатно.

Истражувањата покажуваат дека корисниците кои инсталирале калориметри заштедуваат 15 до 20 проценти од трошоците за топлинска енергија. Сепак, се проценува дека цената на мерачот е 50 евра за секој радијатор, односно околу 300 евра по домаќинство.  Согласно сегашните пресметки, потребно е граѓаните да остварат заштеда од 30% за да можат да си ја вратат инвестицијата во апаратурата.

 

Анита Димитријевска